Тенискиот великан Роже Федерер вели дека ужива во семејниот живот и не се брза да почне нови големи проекти по повлекувањето од тениските терени пред речиси две години. Тој во Лондон одржа премиера на документарниот филм кој ги следи последните денови од неговата тениска кариера и кажа дека е среќен со својот сегашен живот.
„Дефинитивно не ми е досадно дома. Животот е супер. Се трудам да бидам најдобриот можен татко“, кажа 42-годишниот Федерер, кој има два пара близнаци со сопругата Мирка.
„Што е следно? Сакам уште малку да почекам, па ќе видам. Во моментов не сакам да имам милион обврски. Сакам да бидам добар татко, добар сопруг и малку да се скрасам, а потоа ќе решам што би бил мојот следен мегапроект“, додаде тој.
„Федерер: Последните 12 дена“ првично бил замислен како серија домашни видеа за лична употреба. Филмот го следи Федерер додека се подготвува да го објави своето пензионирање. Режиран од Џо Сабија и оскаровецот Асиф Кападија, филмот содржи искрени моменти, архивски материјали и интервјуа со ривалите Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј.
(Фото: Икс)