ШТИП ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА ПРВИОТ ШАХОВСКИ ТУРНИР ЗА СЛЕПИ ЛИЦА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Здружението на слепи лица во Штип е домаќин на првиот меѓународен турнир во шах за слепи лица, со учество на шахисти од Србија, Бугарија и Македонија. Учество пријавиле 12 шаховски мајстори од трите држави, кои ќе играат на специјални табли за вакви турнири.

„Шаховскиот турнир ќе трае четири дена по системот секој со секого и за најдобрите се предвидуваат награди. Турнирот ќе се игра во Државниот студентски дом во Штип“, вели претседателот на Здружението на слепи лица во Штип, Драги Витанов (фото).

Тој најави и концерт со учество на слепи естрадни уметници од Србија, Бугарија и Македонија. Концертот ќе се одржи на 3 јули во Домот на културата во Штип, влезот ќе биде бесплатен, но со оглед на неговиот хуманитарен карактер, ќе има кутии за донации.

Т. ЈОВАНОВСКИ