НАД 500 ИГРАОРЦИ ОД ДЕВЕТ ДРЖАВИ ЧЕТИРИ ДЕНА СЕ ДЕЛ ОД ФОЛКЛОРНИОТ ФЕСТИВАЛ „ВЕЛЕС 2024“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од 500 учесници од 20 ансамбли четири дена низ Велес ќе го шират звукот на фолклорниот мелос од десетина држави. Вчеравечер (3 јули) беше отворен 19. Меѓународен фолклорен фестивал во Велес, настан кој има најголема посетеност и најголем интерес во градот за една градска манифестација. Фестивалот ќе се одржува до сабота вечер.

„Од годинава, фестивалот е дел од Светската организација на фолклорни фестивали ЦИОФФ. Иако е од меѓународен карактер и го презентира фолклорот на сите земји учеснички, тој е најголем промотор на македонските култура и традиција“, кажа Томе Јаневски, претседателот на организацискиот одбор.

За настанот секогаш владее голем интерес во градот (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот го отвори министерот за култура Зоран Љутков, што е првпат од основањето овој чин да се случи на вака високо ниво. Организатори се фолклорните друштва „Керамичар“, „Коле Неделковски“ и „Вила Зора“, сите од Велес, кои 18 години наназад се вложуваат во манифестацијата. Учествуваат играорци од Србија, Турција, Романија, Украина, Црна Гора, Словачка, Полска и Македонија и две друштва на македонските иселеници од Австралија. Се одржува во амфитеатарот во Младински парк, со почеток во 20:30 часот.

Бидејќи за фестивалот има голем интерес и уште од 19 часот гледалиштето е преполно, синоќа пред официјалниот почеток настапија деца од градинките, а следните три дена ќе игра подмладокот на трите фолклорни ансамбли од Велес.

П. ПЕЧКОВ