МИОДРАГ СТОШИЌ ОД СРБИЈА ПРВОНАГРАДЕН НА ФЕСТИВАЛОТ НА САТИРАТА „ЏИНОТ“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

„Човек може да преживее пет дена без вода и пет минути без мобилен телефон. Значи, мобилниот е извор на живот“, е еден од десетте афоризми на српскиот автор Миодраг Стошиќ, кој ја освои првата награда на третиот Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“ во Велес.

За најдобар етноафоризам беше избран „Многу е вредна и паметна. Вода во решето носи“ од Верица Блажеска од Македонија, додека признанието за најдобар афоризам го доби Милко Стојаковиќ од Србија за „Некогаш водата немаше боја, мирис и вкус, но тоа беа заостанати времиња“.

Темата на годинашниот конкурс беше вода, а учествуваа афористичари и сатиричари од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Канада.

Меѓу афоризмите што го привлекоа вниманието на публиката беа и „Чаша вода пред спиење е добра идеја… ако сакаш да се будиш во три наутро“ од Вероника Садовска-Добревска од Свети Николе, „Сè поголем е бројот на коњите кои ја матат водата“ од Кире Василевски од Велес и „Солзата е вода исполнета со чувства“ од Митра Дупчинова од Битола.

Во рамките на фестивалот беше претставен портрет на сатиричарот Ристо Филчевски од Струмица, а се одржа и промоција на книгата афоризми „Отскочна јамка“ од Витомир Долински.

Фестивалот „Џинот“ се одржа по третпат во чест на преродбеникот Јордан Хаџи Константинов-Џинот, кој се смета за прв македонски сатиричар. Организатор е Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.

П. ПЕЧКОВ