Велес денеска и утре (1 и 2 октомври) ќе биде домаќин на меѓународниот фестивал на сатирата „Џинот“. Манифестацијата ќе се одржи по третпат.
За денеска се предвидени работилница на тема „сатира-афоризми“, портрет на сатиричарот Ристо Филчевски од Струмица и осврт на етноафоризмите во македонската афористика. Вечерта ќе се одржи промоција на книгата афоризми „Отскочна јамка“ од Витомир Долински.
Утре, меѓу другите содржини, се портрет на велешкиот сатиричар Никола Бошков, кој почина минатата година и доделување на наградите од наградниот конкурс за афоризми на тема вода.
Содржините од фестивалот ќе се одржуваат во велешката библиотека и во Ликовниот салон. Гости на фестивалот се афористичари и сатиричари од Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Бугарија и Канада. Организатор е Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, со поддршка од Градската библиотека „Гоце Делчев“ и финансиска поддршка на Општина Велес.
Јордан Хаџи Константинов-Џинот се смета за прв сатиричар во Македонија, за што и фестивалот го носи неговото име.
П. ПЕЧКОВ