АМАЛФИ ГОДИШНО ГО ПОСЕТУВААТ ПЕТ МИЛИОНИ ТУРИСТИ, НО СЕГА ПРВПАТ ЌЕ ДОБИЕ МЕЃУНАРОДЕН АЕРОДРОМ

Рим, (Јуроњуз)

Шарените гратчиња и карпите со лимонови дрвја на крајбрежјето на Амалфи во Италија привлекуваат пет милиони туристи годишно. Сепак, патувањето дотаму не е лесно.

Главниот начин да се стигне до гратчињата како Амалфи и Позитано е да се лета до Неапол, а потоа да се патува со воз и автобус, што одзема доста време. Ова наскоро ќе се промени бидејќи најблискиот аеродром во регионот заштитен од УНЕСКО ќе почне и со меѓународни летови.

Аеродромот „Салерно Коста д‘Амалфи“ се реновира и во средина на овој месец ќе биде отворен како комерцијален аеродром. Тој се наоѓа 45 километри југоисточно од градот Амалфи, како и 21 километар од Салерно, од каде што исто така може да се стигне до популарното крајбрежје со воз и локален автобус.

Изграден во 1926, тој со години служел како воен и приватен аеродром и како центар за обука. Беше целосно затворен во 2016, седум години откако беше модифициран за да може да прима комерцијални летови.

Пистата сега е проширена и до 2027 ќе биде довршен нов патнички терминал, но властите кажаа дека развојот на аеродромот ќе продолжи до 2043 година, со цел да може да прима шест милиони патници годишно.

(Фото: Шатерсток)