Скопскиот диџеј и водител Зоран Ристевски, познат како Зоки Бејбе, вели дека запознавањето со Грејс Џонс по концертот во Скопје на 6 јули е остварување на неговиот детски сон. Организаторите на концертот на американската музичко-модна икона му овозможија да се запознае и слика со Џонс по нејзиниот настап на стадионот на АРМ.
„Со ‘Авалон’ имам долга соработка и на разни начини сме имале прекрасни моменти. Имав можност да пуштам музика пред голем број ѕвезди на нивни концерти. Ме поканија да го отворам концертот на нашата музичка дива Каролина Гочева пред две години на истиот стадион. Тие разбраа дека имам поинаква приказна со Грејс Џонс. Имав момент кога почувствував дека нејзината појава ми кажа што треба да правам во животот и на кој начин да се однесувам. Сите нејзини песни ми беа патоказ во животот и ми покажаа како ќе изгледа тој. Тоа ѝ го раскажав кога се сретнавме зад сцената на концертот. Таа прекрасно изреагира и ме прегрна. Како што сите сонуваме за некој момент, мене ми се случи на јаве и благодарен сум му на ‘Авалон’ што ми го овозможи тоа“, вели Зоки Бејбе.
Пред концертот, тој на социјалните мрежи објави негова слика од детството до портретот на Грејс Џонс, што го насликал неговиот внук Филип Аросвски и вели дека многу ѝ се допаднал.
„Скопската публика се почувствува како дел од светот, затоа што пречека музичка икона која ја познава добро, има спомени и ѝ ги знае песните. Тоа го почувствува и Грејс Џонс и затоа нејзиниот настап беше величествен, а односот со публиката беше како да е нејзино десетто доаѓање во Скопје, како да си ја познава публиката. Сите тие луѓе имаа неверојатна конекција со неа“, вели Зоки Бејбе.
М. ЏАРОВСКА