ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ПРВ ВО МАКЕДОНИЈА ДОБИ СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ЕВРОПСКАТА БАЗА НА НАУЧНИ ТРУДОВИ И ПОДАТОЦИ СКОПУС

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ како член на Алијансата на европски универзитети прв од Македонија стана дел од европскиот проект кој на професорите и студентите им овозможува бесплатен пристап до престижната база на научни и иновативни трудови и податоци Скопус.

Ректорот Дејан Мираковски смета дека ова е ново поглавје во поврзувањето на универзитетите, при што студентите ќе можат преку комбинирање на студиските програми да ги изучуваат своите струки, да добијат нови знаења и со тоа да добијат европска диплома што ќе им овозможи слободно да се движат во европскиот високообразовен академски простор.

Европската комисија ги објави резултатите од Еразмус програмата, според кои Штипскииот универзитет заедно со осум други европски универзитети ќе добие средства од 14 милиони евра, со кои ќе се финансираат заедничките активности предвидени во Алијансата и ќе се поддржи долгорочната транснационална и институционална соработка помеѓу универзитетите кои се членки на оваа Алијанса“, вели Мираковски.

Проректорката за меѓународна соработка Ана Никодиновска-Крстевска додава дека ова им овозможува на студентите да работат со академскиот кадар од други универзитети, истражувачи, претпријатија, локални самоуправи, државни институции и со граѓанскиот сектор.

И вработените во УГД ќе имаат можност да ја продлабочуваат соработката со своите колеги од Алијансата, да реализираат заеднички истражувачки проекти, да спроведуваат заеднички наставни програми и многу други активности“, кажа Никодиновска-Крстевска.

Во Европската Унија досега се финансирани 64 вакви алијанси кои опфаќаат 35 земји и вмрежуваат повеќе од 2.200 партнери со 40 високообразовни институции.

Т. ЈОВАНОВСКИ