Организаторите на „Времето истече“ изјавија дека движењето за искоренување на дискриминацијата на работното место ќе биде дел од утрешното оскаровско шоу, но нема планови за кодекс на облекување на црвениот килим.
Продуцентката и сценаристка Шонда Рајмс, актерките Лора Дерн и Теса Томпсон, продуцентката Кети Мекграт и адвокатката Нина Шо разговараа со новинарите за напредокот на движењето и за следните чекори.
Тие истакнаа дека „Времето истече“ имаше славен старт на Златните глобуси годинава, кога повеќето жени носеа црни креации и се појавија на црвениот килим со активистки, но дека движењето е поголемо и пошироко од филмските награди.
„Движењето започна на црвениот килим, но никогаш не било наменето да живее таму“, кажа Рајмс.
„Времето истече“ собра фонд од 21 милион долари за правна заштита за жртвите на дискриминација.