Светските поп-ѕвезди Селин Дион и Леди Гага ќе настапат во дует на отворањето на Олимпијадата во Париз на 26 јули. Веста ја објавија повеќе реномирани медиуми како „Гардијан“ и „Индипендент“, но засега не е потврдена од тимовите на пејачките, ниту од организаторите на ОИ.
Дион и Гага ќе го изведат класикот „Живот во розово“ (La Vie en rose) на Едит Пјаф. Гага ја преработи песната за филмот „Ѕвезда е родена“.
Медиумите пишуваат дека пејачките се сместени во ист хотел и биле забележани на сплав со бело пијано на реката Сена. Тие велат дека Дион добила хонорар од два милиона евра за настапот и ќе носи розово-црна креација на „Диор“.
Ова ќе биде првиот настап за Дион откако во 2022 ѝ беше дијагностициран синдромот на вкочанетост, кој се одразува и врз нејзиниот глас. Дион беше дел и од церемонијата на отворањето на ОИ 1996 во Атланта.
(Фото: Вајримиџ)