ПЛАЧЕА И ИГРАА НА ПЕСНИТЕ НА ОЛИВЕР, ВЕЛИ АКТЕРОТ ДРАГАН СПАСОВ-ДАЦ ЗА КОНЦЕРТОТ ВО ЧЕСТ НА ДРАГОЈЕВИЌ ВО ВЕЛА ЛУКА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Актерот Драган Спасов-Дац со сопругата Весна втора година по ред оди на одмор на островот Корчула во Хрватска за концертот посветен на легендарниот кантавтор Оливер Драгојевиќ, кој почина во 2018.

„Втора година намерно одиме ден или два пред концертот во Вела Лука посветен на великанот Оливер Драгојевиќ.

Цела Вела Лука и сите гости на концертот тој ден буквално дишат заедно. Нема место во ниеден ресторан или кафуле, па моравме да резервираме уште на почетокот на јуни. Инаку, тоа е невиден спектакл, позитивната енергија се чувствува насекаде. Сите пеат како еден заедно со ѕвездите Петар Грашо, Зориџа Конџа и Јелена Розга и некои млади пејачи на кои им се даде голем простор”, ни рече актерот.

Дац со сопругата Весна. (Фото: Фејсбук)

Дац вели дека младите пејачи кои ги пееле песните на Драгојевиќ се ѕвезди во подем, а публиката ги пречекала со воодушевување.

„Никогаш не сум бил на нешто слично. Имаше и измешани емоции, па некои луѓе плачеа на некои песни, но сите пееја и играа. Кога заврши концертот, сите локали продолжија со музиката на Оливер. Ова не се опишува, треба да се доживее”, вели Дац.

Драгојевиќ почина на 29 јули 2018 по неколкугодишна борба со рак. Од 2019, во неговата родна Вела Лука се организира концерт во негова чест.

М. ЏАРОВСКА 

(Фото: Индекс)