КОНЦЕРТ ВО ОХРИД „ВЕЧЕРЕН ЅВОН“ ВО ЧЕСТ НА 65 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ КОЛАРОВСКИ

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

„Вечерен ѕвон“ е насловен вечерашниот концерт (2 Август) на Охридско лето, посветен на 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во 21 часот.

Ќе настапат: Викторија Коларовска-Гмирја, пијанистките Марија Вршкова и Марија Ѓошевска, виолинистот Владимир Костов, флејтистот Страшо Темков, сопранот Гонца Богоморова, како и гудачкиот квартет составен од Ева Богоевска – виолина, Ивана Здравкова – виолина, Леона Кондратенко – виола и Маја Михајловска-виолончело.

Коларовски (1959-2006) ѝ припаѓа на генерацијата македонски композитори чиешто творечко формирање се одвиваше во условите на постојан подем на професионалното музичко творештво и зацврстување на позициите на македонската национална композиторска школа.

„Во композиторскиот опус на Гоце Коларовски, иако не обемен, речиси сите дела претставуваат значајна појава и се на репертоарот на музичките уметници и ансамбли во Македонија и други земји. Гоце Коларовски остана во историјата на македонската музичка култура како генеричка личност, промотор на нови идеи, сфаќања и стандарди“, велат од Фестивалот.