ДЕЛА ОД ЗОГРАФСКИ И ТОШЕВСКИ НА КОНЦЕРТОТ СО МЛАДИ МУЗИЧАРИ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Концерт посветен на Томислав Зографски и Стојче Тошевски ќе се одржи вечерва (9 август) на Охридско лето, во црквата „Св. Софија“ од 21 часот. Ќе настапат пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтиари и виолинистот Васил Богоевски.

Грговска во 2013 дипломирала со највисоката оценка cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Марија Ѓошевска. Зад себе има солистички концерти во Куманово, Скопје и Прокупље, концерти со камерни состави и настапи на реномирани фестивали. Дел е од камерното дуо „Дистанца“ со пијанистката Бриџида Мијоре од Италија.

И Бафтиари дипломирал со највисоки оценки на ФМУ во Скопје во класата на проф. Борис Романов, а постдипломските студии ги завршува во класата на светски познатиот пијанист Симон Трпчески. Настапувал со Градската филхармонија на Лондон, Македонската филхармонија, Косовската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Албанската РТВ.

Богоевски го започнал високото образование на конзерваториумот „Д-р Хох“ во Франкфурт, а дипломирал на Факултетот за музика во Мајнц. Во 2022 добил стипендија од здружението „Рихард Вагнер“ во Франкфурт..