Италијанското дуо „Ејџентс оф тајм“ (Agents of Time), италијанскиот електробенд „Медуза“ и американската дива на афрохаусот Лајла Бенитез се најавени како главни ѕвезди на третото издание на настанот Гет ексајтед (Get EXITed) во Струмица, што заеднички го организираат новосадскиот фестивал Егзит и Општина Струмица.
Настанот ќе се одржи на 6 септември, кога се очекува да присустуваат околу 20.000 посетители во големиот градски парк, а артистите да донесат различни жанрови музика, ненадминати хитови и ритми за танцување. Според организаторите, станува збор за реномирани музичари кои имаат милионски преслушувања на дигиталните платформи.
„Ејџентс оф тајм“ е глобално барана група која издава албуми за некои од најпознатите етикети и ветува електронски спектакл на отворено. Публиката ќе ужива и во „Медуза“, италијанско-шведско електротрио, кое беше еден од авторите на химната на годинашното Европско фудбалско првенство во Германија.
Пред гостите во Струмица повторно ќе настапи Сенида, кралицата на балканската музичка сцена која од година во година поставува нови стандарди во продукција и изведба во трап и поп жанровите, а атмосферата ќе ја надополни Лајла Бенитез, њујоршка диџејка, позната по својот афрохаус звук.
Листата учесници ја дополнуваат „2Бона“, „Зи“, Јанг Дади, Матеј Фолц, диџеј Попај и хип-хоп колективот „Дивизија“ од домашната музичка сцена.