НЕ ЗНАМ МАКЕДОНСКИ НО ЌЕ НАУЧАМ, РЕЧЕ ВО ОХРИД КРИСТИЈАН, СИНОТ НА АКИ РАХИМОВСКИ КОЈ ПРИМИ НАГРАДА ВО ЧЕСТ НА ТАТКО МУ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Кристијан Кики Рахимовски, синот на легендарниот пејач Аки Рахимовски пееше песни од татко му, хитовите на „Парни ваљак“ во дует со поп- пејачката Ана Петановска, која се смета за еден од најдобрите женски вокали кај нас од младата генерација.

Рахимовски и Петановска настапија заедно на забавата по фестивалот „Охрид фест“ на 31 август, кој заврши со Интернационалната вечер на Долни Сарај. Поп-пејачот од Хрватска постхумно прими награда за придонес во музиката во име на татко му.

„За првпат во животот сум во Охрид, за првапат пеам тука, а татко ми многу ми зборуваше за Охрид. Македонскиот слабо го зборувам, но тоа ќе се смени, ветувам. Наскоро треба да одржам концерт во Скопје па сите заедно да ги пееме моите песни и песните на татко ми“, рече Рахимовски.

На забавата по фестивалот, тој спонтано им се придружи на Петановска и на нејзиниот бенд и го запеа хитот „Сѐ уште мириса на неа“ (Све још мирише на њу) од „Парни ваљак“, а потоа и други нивни песни.

„Ве молам еден аплуаз за оваа девојка која пее ненормално добро“, рече Рахимовски за Петановска.

„За мене Македонија не е само земја, туку и внатрешен мир. Тешко ми е тоа да го објаснам, но навистина сум благословен со тој ген. Дедо ми Мустафа Рахимовски беше професор на Академија во Ниш, предаваше саксофон, татко ми Аки беше еден од најголемите пејачи на овие простори. Ги имам тие гени, пеам со леснотија, а немам никакво музичко училиште“, ни рече пејачот од Загреб.

На „Охрид фест“ во натпреварувачкиот дел настапија млади, помлаку познати пејачи. Првото место од публиката го освои Немања Радошевиќ од Србија, а од жирито, најдобра беше македонската пејачка Мила Николовска- Ѓумар.

М. ЏАРОВСКА 

 

Фото: Рахимовски запеа во дует со Ана Петановска