Поп-пејачката Биба Додева се врати на Охрид фест-Охридски трубадури откако по пет години живот во Загреб со сопругот Срѓан Шрепфлер се пресели во Охрид. На интернационалната поп-вечер, која вчера (27 август) се одржа на Долни Сарај, таа настапи како ревијална гостинка со песната „Ти си мојот мир“ од Владимир Дојчиновски-Дојчин.
Додева за СМАРТ СДК.МК вели дека преселбата во Охрид е ново животно поглавје.
„Конечно се преселивме во Охрид и ова е мојот нов дом. Преубаво ми е, живеам на езеро. Еве, долу веднаш е сцената на Долни Сарај, а од тераса си ја гледам мојата тераса“, вели Додева.
Таа живее во Варош, во семејна куќа. Вели дека со сопругот имале можност да живеат во Лондон, но на крајот изборот паднал на Охрид.
„Не ми фалат ни Загреб, ни Скопје. Имавме можност и во Лондон да отидеме, меѓутоа решивме со сопругот дека ова ќе ни биде лулката“, вели пејачката.
Враќањето на Охрид фест за неа има посебно значење. Додева е двократна победничка на фестивалот. Во 2012 победи со хитот „Јас и мојот бенд“, а во 2019 со баладата „Како некогаш“, кога освои награди и на поп и на интернационалната вечер.
„Јас бев девојче кога ја пеев ‘Јас и мојот бенд‘ на истава сцена. Беше храброст на еден ваков фестивал, кој е главно со поп песни, да пееш фанк и да победиш. Охрид фест му даде ветер во грб“, рече Додева. “Фризерот Младен ме разубави за настапот, а фустанот е моја креација што ја соши мојата пријателка Сузана. Во план ми е да направам и своја плус сајз модна линијa”, додаде пејачката.
Поканата повторно да настапи на Долни Сарај ја добила од композиторот Григор Копров, кој е директор на фестивалот и рече дека со задоволство ја прифатила.
„Кога се јави Григор Копров, ми рече: ‘Охриѓанка си била, си станала’ и дека ќе му биде чест да бидам дел од фестивалот“.
Враќањето на сцената, вели таа, повторно ѝ ја разгорело желбата за активно занимавање со музика. Најавува и нов албум, со кој сака да го продолжи музичкиот период што беше прекинат во ковид-пандемијата.
Покрај музиката, Додева во изминатите години беше посветена на здравствени и хуманитарни проекти во регионот, на кои уште работи. Долги години е активна во подигнувањето на свеста за борбата против ракот.
„Оваа мисија останува важен дел од мојот професионален и приватен живот“, додава пејачката.
На интернационалната вечер, специјална награда за 50 години кариера доби Сузана Манчиќ, некогашната лото-девојка, а наградата ѝ ја додели водителката Марјана Станојковска, која сега води игра на среќа.

Победник на интернационалната вечер според гласовите на публиката е српскиот пејач Милан Бујаковиќ. Втората награда ја освои Наталија Данаилова, а третата Валдера. Според стручното жири, првата награда ја освои Стефан Спироски, втората Димче Ангелески, а третата награда и наградата за интерпретација ги доби Стеван Феди.

Наградата на новинарите ја добија Јуле и Баже Маротови.
Меѓу ревијалните гости настапија и Ана Петановска со „Балада за ангелот“, посветена на Тоше Проески, Наташа Михајловиќ, поранешна членка на групата „Фрајле“ и Принц од Врање, минатогодишниот српски евровизиски претставник.
М. ЏАРОВСКА