Првата седмица на октомври во Велес ќе ја одбележи новото издание на Фестивалот на античка драма Стоби. Ќе се одржува по 21. пат во периодот од 30 септември до 5 октомври. Публиката ќе има можност да види пет претстави во натпреварувачката категорија, плус една во придружната програма. На доделувањето на наградите (фото) на 10 октомври ќе настапи ансамблот „Танец“.
„Фестивалот се потврдува како еден од најважните естетички полигони, на кој своите поетики ги презентираат исклучителни автори и претстави, што го прави фестивалот мост за меѓународна комуникација, преку кој патуваме сите. Фестивалот станува одлична платформа за културолошка размена“, кажа Сашо Димоски, селектор на годинашната програма.
Фестивалот утре (30 септември) го отвора претставата „Цар Едип“ на Народен театар од Сараево, во режија на Диего Де Бреа. Следниот ден гостува театарот „Маладип“ од Будимпешта со претставата „Пенелопијада“, во режија на Жолтан Балаз. На 2 октомври на програмата е претставата „Мир“ на театарот „Идиоти“ од Сеул, Јужна Кореја, во режија на Ли Сангмунг. Дуодрамата „Нерон“ во режија на Ѓорѓи Ризевски, која е копродукција со МКЦ, се игра на 3 октомври, а на 5 октомври е „Едип и пророците“ на Драмскиот театар од Пловдив, во режија на Дијана Добрева.
На 4 октомври ќе се изведе претставата „Античка драма, монолози и сцени“ на Универзитетот Прима Европа од Скопје, која е во придружната програма.
Жирито што ќе ги додели наградите е во состав: Владимир Милчин (претседател), Маја Љутков и Ненад Витанов.
Претставите ќе се изведат на сцените на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ бидејќи Античкиот театар во Стоби е во фаза на реконструкција.
П. ПЕЧКОВ