МИКРОБРАНОВАТА СЕ ЗАПАЛИ, ПА ДА ИЗБЕГНАМ ПОЖАР ВО ТЕАТАР, ЈА ФРЛИВ ОГНЕНАТА ТОПКА КАЈ ИНСПИЦИЕНТОТ, РЕЧЕ АКТЕРОТ АТАНАС АТАНАСОВСКИ ПРЕД ТРИТЕ СТЕНДАПИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски ќе одржат три стендап претстави „(Нат)просечен Македонец“ во салата „Јане Сандански“ на 2, 3 и 8 ноември. На прес-конференцијата денеска во Скопје, сопственикот на „Авалон“ Бобан Милошески рече дека за првпат во историјата на Македонија и поранешна Југославија актери ќе прават три шоуа во поголема сала.

„Вчера имавме претстава во Театар Комедија кај нас. Во претставата има микробранова печка во која требаше да испукам пуканки. И додека се правеа пуканките, се случи нешто што досега не се случило, се запалија внатре и почнаа да горат. Се создаде пламен и за да не изгориме живи, ја отворив микробрановата, ја земав таа огнена топка и ја фрлив кај инспициентот каде што е противпожарниот апарат. И во тој момент сфатив дека ние сега, со ‘(Нат)просечен Македонец’ имаме една огнена топка која е многу опасна ако ја фрлиш директно во луѓето, но во исто време е толку многу возбудлива за публиката. Мислам дека првпат во нашите кариери имаме шанса да направиме нешто што ќе нѐ лансира повеќе, а можеби и ќе нѐ изгори“, се пошегува Атанасовски.

Неговиот колега се пошегува дека има изгореници од четврти степен.

„По претставата до три часот наутро бевме во болница затоа што мојот колега добро реагира на пожар. Сакам да им се заблагодарам на сите кои купија билети, затоа што првите два настапа се веќе распродадени, првиот за 12 до 15 часа, а на вториот му требаа два или три дена. За третиот на 8 ноември има уште многу малку билети“, рече Костадиновски.

За него, ова е круна на досегашната работа на дуото Тино и Атанас и почеток на една нова етапа во нивните кариери. Тие се 14 години во Театар Комедија, пред 10 години првпат се појавија на „Златна Бубамара на популарноста“, а последниве 5-6 години интензивно имаат клупски стендап настапи низ Македонија, а беа и на турнеја во Германија.

„Со ова сакаме да направиме нешто што досега го немало кај нас, голем настап во голема сала, како што се прави на запад и во Америка и нема да ја разочараме публиката. Тоа е еден порив за нас да нагазиме и да одиме уште појако“, рече Тино Костадиновски.

Специјален гостин им е комичарот Стефан Николовски, кого Костадиновски го нарече засилување.

„Да можам да бирам кој да ми биде другар од светските стендап комичари, би го избрал Рики Џервејс. Има многу стендап комичари кои се смешни, ама не се духовити, што не е случај со овие тројца момци“, кажа Бобан Милошески и додаде дека не треба да се занемари историскиот момент кога „К-15“ го наполниле Градскиот стадион.

„Никој досега не се осмелил да прави стендап во спортска сала, а камоли три претстави. Ние постојано кукаме дека сме ‘Македончиња’ и дека не нѐ бива. Еве, сега кога нѐ бива, би требало да се забележи ова како непобитен факт“, рече Милошески.

Додаде дека на регионално ниво најблиску до продавање олку билети за стендап бил Бранко Ѓуриќ-Ѓуро, кој имал настапи во сала за 1.500 луѓе.

М. ЏАРОВСКА