Кинотеката на Македонија денеска (28 октомври) ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот „Писмо“ на филмскиот и театарски режисер Васил Христов-Вуси. Среднометражниот игран филм „Писмо“ е реализиран во 2000 година во холандска продукција.
„Благодарение на Националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива таму ја има депонирано“, велат од Кинотеката.
Од 28 до 31 октомври во киното ќе се прикажат филмовите од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат некаков јубилеј, како краткиот документарец „Дае“ (1979) на Столе Попов и „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за Оскар. Потоа следат партизанскиот трилер „Под исто небо“ (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, комитската драма „Нели ти реков“ (1984) на Стево Црвенковски и документарецот „Оган“ (1974) на Столе Попов.