„Томб рајдер“, сега со Алисија Викандер во улогата на Лара Крофт, од денеска е на репертоарот на скопските кина Синеплекс и Милениум.
Младата шведска оскаровка ја наследи Анџелина Џоли како екранизирана верзија на најславниот женски лик од видео-игрите, кој се враќа во кината по цели 15 години, кога излезе вториот дел.
Во новиот филм, Лара Крофт тргнува во авантура да го разреши мистериозното исчезнување на нејзиниот татко Ричард (Доминик Вест). Потрагата почнува од последното место на коешто тој бил виден.
Во филмот глумат и Волтон Гогинс, Кристин Скот Томас и Дерек Џејкоби, а режијата ја потпишува Норвежанецот Роар Утхауг, за кого ова е прв ангажман во Холивуд.
Како филм што долго се исчекуваше, останува да се види дали „Томб рајдер“ ќе успее да ја прекине неколкунеделната доминација на „Црниот Пантер“ на кино-благајните.