Режисерот Тим Бартон вели дека интернетот му прави да се чувствува депресивен и дека сите кои го познаваат знаат дека на некој начин е технофоб.
„Ако гледам нешто онлајн, сфаќам дека станувам депресивен. Тоа ме исплаши бидејќи имам чувство како да паѓам во црна дупка. Така што, се обидувам да го избегнувам интернетот“, изјави 66-годишниот режисер.
Во Музејот за дизајн во Лондон е отворена изложбата „Светот на Тим Бартон“ со 600 предмети, кои, според организаторите, даваат ретка шанса да се ѕирне во неговиот креативен процес.
Бартон е најпознат по филмовите како „Бетмен“ од 1989, „Враќањето на Бетмен“ од 1992, „Едвард раце ножици“, „Чарли и фабриката за чоколадо“ и „Алиса во земјата на чудата“, како и „Битлџус“ и неговото продолжение, кое излезе летово. Тој е роден во Калифорнија, но веќе 20 години живее во Лондон.
„Кога сум на интернет, многу брзо паѓам во депресија, можеби побрзо од останатите луѓе. Но, брзо се враќам назад во форма. Кога гледам во облаците, веднаш се чувствувам подобро“, кажа тој за Би-Би-Си.
На прашањето дали пак би режирал филм за суперхерој, одлучно вели не.
„Во тоа време, тоа беше нешто ново. Имаше притисок бидејќи ‘Бетмен‘ беше голем филм и имаше поинакво гледање на стриповите. Не е исто како притисокот кој сега би го чувствувал“, рече Бартон.
Фото: ПА