На 30 ноември од 20 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје ќе се одржи концерт во чест на Милан Младеновиќ, фронтменот на култната белградска група „Екатарина Велика“. На концертот насловен „Како да беше пред 30 години – Милан Младеновиќ меморијал“ ќе настапи трибјут бендот „Деца из воде“ заедно со српскиот актер и музичар Срѓан Жика Тодоровиќ и Тања Јовиќевиќ од групата „Октобар 1864“.
На 5 ноември се навршуваат 30 години од смртта на Младеновиќ, кој во 1980 ја формираше групата „Шарло акробата“, а во 1982 групата „Катарина 2“, која продолжи како „Екатарина велика“ или ЕКВ. Таа има издадено седум студиски, три концертни и два компилациски албуми.
Веднаш по концертот во чест на Младеновиќ, од 22:30 часот во истата сала ќе се одржи концертот на „Парни ваљак“.
„Може да биде возбудливо ако на ‘Деца из воде’ на една песна се придружи Хусеин Хасанефендиќ-Хус, во чест на соработката со Маргита Стефановиќ-Маги, која свиреше клавијатури на еден албум на ‘Парни ваљак‘“, велат од „Авалон“.
Влезниците се во продажба преку мрежата на ticketx.mk.