Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски денес и утре (20.30 часот) во Македонската филхармонија ќе има концертна промоција на својот 35. албум во богатата кариера, насловен „Мајчин јазик“.
Поради големиот интерес, закажан е и трет концерт, на 20 март.
Ова е првиот акустичен албум во неговата кариера, кој го издаде во ноември за „Кроација рекордс“.
Специјални гости на концертите ќе бидат српската етно пејачка Биља Крстиќ, оперската певица Весна Ѓиноска-Илкова и Вера Милошевска и Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“.
Стефановски вели дека самиот ги осмислил насловот на албумот и обвивката, на која има фотографија од неговата мајка Нада.
„Насловот го смислив, имајќи на ум дека снимам автентична музика, главно теми од македонската народна музика, а се разбира и мои композиции. Го крстив така, затоа што овие теми ми се мајчин јазик. Јас се обраќам на тој мајчин јазик, се надевам дека добро музички го владеам“, вели гитарската легенда.
По Скопје, Стефановски го очекуваат концерти во Белград, Виена и во Загреб.