„Моцартовите перипетии“ е насловен концертот на Филхармонијата кој ќе се одржи денеска (7 ноември) од 20 часот. На програмата се дела од Моцарт и Чајковски, а како солист на виолина и диригент ќе настапи Сергеј Малов од Русија.
Малов свири виолина, виола, барокна виолина и виолончело да спаља, инструмент на кој, како што се смета, Јохан Себастијан Бах ги свирел своите свити за чело.
За неговите изведби на виолина добил награди на натпревари како „Паганини“ во Џенова, „Моцарт“ во Салцбург и „Мајкл Хил“ во Оукленд, додека за настапите со виола освојувал награди во Минхен и Токио. Настапувал со Би-Би-Си оркестарот во Лондон, Лондонскиот филхармониски оркестар, Оркестарот на Баварското радио, Филхармонискиот оркестар на Токио, Филхармонијата на Хелсинки и други.