Првиот дрвен сателит на светот, изграден од јапонски истражувачи, денеска беше лансиран во вселената за да се тестира користењето на дрвото во истражувањата на Месечината и Марс. „ЛигноСат“, развиен од Универзитетот во Кјото и градежната фирма „Сумитомо форестри“, ќе лета до Меѓународната вселенска станица, по што ќе биде пуштен во орбитата, околу 400 километри над Земјата. Таму треба да остане шест месеци.
Наречен според латинскиот збор за дрво, „ЛигноСат“ има за задача да го демонстрира космичкиот потенцијал на обновливите материјали, додека луѓето го истражуваат животот во вселената.
„Со дрвото би можеле да градиме куќи и да живееме и работиме во вселената засекогаш“, изјави астронаутот Такао Дои, кој работеше на проектот.
Во рамките на 50-годишен план за садење дрвја и изградба на дрвени куќи на Месечината и Марс, тимот на Дои одлучил да развие дрвен сателит потврден од НАСА за да докаже дека дрвото е материјал погоден за вселената. Дрвото е потрајно во вселената одошто на Земјата зашто нема вода и кислород. Дрвени сателити исто така би имале минимално влијание врз животната средина на крајот од својот животен век.
„ЛигноСат“ е изработен од хоноки, вид магнолија, со традиционална јапонска техника без навртки и лепак.
(Фото: АФП)