МЕЛАНИЈА ТРАМП ГО ВРАЌА ГЛАМУРОТ ВО БЕЛАТА КУЌА, ЖИВОТОТ ВО НЕА ГО СПОРЕДИ СО ВОЕН ЗАТВОР

Вашингтон, (Дејли мејл)

Доналд Трамп во јануари ќе стане нов претседател на САД, а со него во Белата куќа се враќа и малку гламур, што ќе го донесе неговата сопруга Меланија Трамп.

Педесет и четиригодишната Словенка повторно ќе биде првата дама на САД и ќе се најде во фокусот на јавноста откако во изминатите четири години, па и во предизборната кампања ретко можеше да се слушне за неа, додека нејзиниот сопруг се бранеше од бројните обвинувања и скандали.

Во својот прв говор по изборите, Трамп ѝ оддаде почит на неговата „прекрасна сопруга“ за нејзината посветеност и за напорната работа да им помага на други.

Меланија и Доналд Трамп со синот Барон, кој почна да студира на на Њујоршкиот универзитет (Фото: Гети)

Родена во Ново Место како Меланија Кнавс, таа е првата натурализирана Американка која станала прва дама на САД, каде што емигрирала во 1996 и продолжила да работи како модел. Со Трамп се запознала во 1998 и набргу потоа ја почнале врската. Се венчаа во 2005 и следната година го добија синот Барон.

Меланија Трамп не криеше дека не ѝ се допаѓа животот во Белата куќа, што во една прилика го спореди со воен затвор во Венецуела. Во последно време живееше во кулата „Трамп“ во Њујорк, откако Барон ги почна студиите на Њујоршкиот универзитет и некои извори велат дека таа би сакала да остане на оваа адреса и по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Меланија Трамп неодамна издаде мемоари во кои изрази желба да биде целосно независна жена и го поддржа правото на абортус, наспроти општоприфатениот став на Републиканците.

(Фото: Гети)