Со претставата „Хинкеман“ на независниот театар „Златен Елец“, во режија на Тамара Стојаноска, вечерва (15 ноември) во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје се отвора 49. издание на меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ).
„Наградата ‘Биш’ што ја добивме минатата година на МОТ за претставата ‘Кенди’ ни отвори нови професионални шанси, гостувања на фестивали надвор од државата, запознавање со врвни театарски уметници и секако, можност за работење на нова претстава за МОТ оваа година. Многу ми е драго што приказната за Јуџин Хинкеман ќе има премиера токму на овој фестивал, кој секогаш дава слобода и простор за разговарање на важни општествени теми и за различни форми на театарско изразување“, вели режисерката Стојаноска.
Претставата „Хинкеман“ е работена според антивоената експресионистичка драма на Ернст Толер, која е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет: војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа.
Во претставата играат Бобан Алексоски, Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски.
МОТ ќе трае до 21 ноември.