ДУОТО „КОНСОНАНС“ ИЗВЕДЕ ДЕЛА ОД МАКЕДОНСКИ КОМПОЗИТОРКИ НА КОНЦЕРТ ВО ИСТАНБУЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичкото дуо „Консонас“, составено од сопранистката Ана Митоска и пијанистката Јанинка Невчева, одржа концерт во Културно-информативниот центар во Истанбул. Се претставил со дела од Бах, Хендел, Калдара, Ламберт, како и од две македонски композиторки од поновата генерација, Валентина Велковска-Трајановска, која е претседателка на СОКОМ и Дарија Андовска, деканка на ФМУ. Од Велковска-Трајановска беше изведена композицијата „Глуварче“ (Dandelion) по стихови на Јован Стрезовски, а за „Молитва“ музиката и текстот ги напиша Андовска.

„Концертот беше во убава и топла атмосфера, а публиката со исклучителен интерес го следеше избраниот репертоар и ги награди уметниците со емотивни аплаузи и со враќање на бис“, велат соработници на дуото „Консонанс“.

Ана Митовска дипломирала соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорката Славица Галиќ-Петровска. Настапувла на повеќе концерти и фестивали во Македонија, Италија, Хрватска, Србија и Бугарија, а имала и ангажмани како вокален солист во театарска и филмска музика.

Јанинка Невчева дипломирала на ФМУ во класата на професорот Борис Романов. Од 2000 до 2005 престојувала на усовршување во Париз. Настапувала во Италија, Франција, Германија, Србија, Бугарија и Македонија и на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Интерфест и Хераклејски вечери.