Младата пијанистка Лана Алексовска настапи на гала-концерт во Њујорк во организација на Меѓународниот натпревар за млади музичари (International Youth Music Competitions – IYMC), откако освои прва награда на меѓународниот онлајн натпревар.
На натпреварот учествуваа млади музичари од повеќе земји, кои своите изведби ги испраќале преку видеоснимки. Од секоја земја биле избрани по тројца учесници, кои добиле покана да настапат на концертот во Њујорк и во живо да го изведат делото со кое се претставиле на натпреварот.
Алексовска била поканета директно од организаторите, а на концертот во Центарот за класична музика „ДиМена“ во Њујорк ја свиреше „Пасакалија во Ц-мол“ од Георг Фридрих Хендл.

„Голема чест и задоволство ми беше што имав можност да настапам во Њујорк и да бидам меѓу млади музичари од различни земји. Многу сум среќна за освоената прва награда, а ова искуство ми дава уште поголема мотивација да продолжам да работам и да напредувам“, вели Алексовска.
Успесите на младата пијанистка продолжуваат и оваа есен. По настапот во САД, Алексовска добила покана од организацијата да настапи и во Париз во ноември.
М. ЏАРОВСКА