Поп-пејачката Елена Ристеска беше дел од жирито и настапи на црногорскиот избор за Песна на Евровизија, кој се одржа сношти (27 ноември) во Подгорица. Победи инди-рок групата „NeonoeN“, која, како што пишуваат црногорските медиуми, не била фаворит и нејзината победа ја изненадила јавноста.
„Одлично си поминавме. Чест ми е што бев во жири покрај победничката на Евровизија од Данска, Емили, Дадо Топиќ, Хари Мата Хари, Данијел Поповиќ, Тијана Богичевиќ и словенечката претставничка. Уште посреќна сум што ја претставив мојата нова песна пред црногорската публика, која на српски се вика ‘Мука ми је‘“, ни рече Ристеска.
Таа првпат ја испеа песната „Ме боли за сѐ“ на годинашниот Макфест.
„Фаворити за победа ми беа првите три песни на кои им дадов поени, Нина Зичиќ, Кејт и Барјак. Сепак, мислам дека победи одличен бенд и уште побитно, одлична певлива песна. Можеби и најевропска песна досега за Црна Гора, без патриотски и балкански примеси. Им посакувам среќа и победа“, ни рече Ристеска.
Таа неодамна првпат во кариерата настапи на Макфест во Штип.
„По 22 години на сцената, ова беше мое прво учество на Макфест. Со години ме убедуваа и добивав понуди и конечно успеаја. Не сакам фестивали, не сум со натпреварувачки дух. Годинава, Макфест беше ревијален, а јас промовирав нова песна, па затоа беше прифатливо“, ни рече поп-пејачката.
М. ЏАРОВСКА