На 14 јануари во Националната опера и балет (НОБ) ќе се изведе втората претстава од кабаре шоуто „Еуфорија“, откако се распродаде првата, закажана на 30 декември, објави продукција „Прагма“.
На сцената ќе настапат триесет македонски уметници: танчари, акробати, балерини, вокалисти и актери. Во кабарето членуваат и актерката Јана Стојановска, поп-пејачот Даниел Дан, актерката Емилија Мицевска и многу други.
„Со преку 130 костими, изведувачите ќе раскажат една приказна која ги спојува стилот, танцот и музиката во три различни сегменти. Првиот дел е класичното кабаре кое ќе ја пренесе публиката во светот на елеганцијата и ретро гламурот. Вториот дел е модерно шоу со акробации на сцената. На крајот, ќе се пеат најголемите балкански и светски хитови“, велат организаторите. Билетите се продаваат преку мрежата на kupikarta.com.