На 10 декември во 19 часот во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, во соработка со Галерија Грал ќе се отвори изложбата „1000 добро изодени патеки“ на уметницата Елена Чемерска.
„’1000 добро изодени патеки’ ја испитува променливата врска помеѓу телата, објектите и светот околу нас. Преку слики, текст и звук, Елена ги истражува темите на распаѓање, трансформација и постојаните промени што го обликуваат нашето постанување“, најавува организаторот.
„Сè започнува со пукнатина. Расцеп се отвора низ плотта. Од овој раскин нешто истекува: не крв, туку ткаенина што ги поврзува сите работи. Таа се движи, дише, пулсира и се менува, додека телата се расплетуваат во објекти, а објектите се напрегаат да станат плот.
Платното носи тежина. Се истегнува и се менува, како да држи нешто под површината. Боите цветаат и пукаат, а текстурите носат сеќавање на распаѓањето. Нема остри рабови, ниту јасни линии што ги држат нештата на фиксно место. Рака станува земја, станува ‘рѓа, станува празнина. Плотта на светот се топи.
Платното евоцира крикови од неизбежната иднина која ја разнебитува врската помеѓу телесното, политичкото и еколошкото“, вели визуелната уметница.
(Фото: Интернет-страница на Чемерска)