Секое утро во последните 29 години, Мауро Моранди го буди златно изгрејсонце, што го осветлува Средоземното Море. Тоа е нешто што не го дели со никој.
Тоа е затоа што 79-годишниот Моранди живее сам на островот Будели во италијанскиот архипелаг Мадалена. Тој го нарекува островот негово парче рај од 1989 година, кога одлучил да го напушти модерното општество.
По години и години живеење во осаменост, Мауро го отворил својот дел од светот, споделувајќи фотографии од пејсажите и од дивиот свет на Будели на Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Моранди стана атракција за летните туристи, исто како и познатите розови песочни плажи на Будели, но неговиот живот останал непроменет.
„Отсекогаш сум бил бунтовно дете. Првпат избегав од дома кога имав девет години. Кога пораснав, се почувствував обезвреднето од општеството. Од политиката одамна се откажав, затоа што мразам оружје и насилство. Решив да избегам од светот кој мисли само на моќ и пари“, вели Моранди.
Неговата првична идеја била да почне нов живот на напуштен остров во Полинезија, но, место тоа, завршил на Будели, кој лежи меѓу Сардинија и Корзика.
„Тука случајно ја најдов мојата Полинезија“, кажа Моранди, кој потоа добил статус на официјален чувар на островот.
„Во првите години не сакав да комуницирам со никој кој би дошол на островот. Сакав сам да уживам во оваа убавина. Со тек на време, сепак, омекнав и посакав да ја споделувам со светот убавината што ја имам овдека“.
Тој ги поминува деновите во фотографирањето на островскиот живот. Откако Будели стана национален парк, властите го покриле со безжичен интернет, па Моранди сега може да ги шири своите фотографии преку социјалните мрежи.
„Мислам дека преку Гугл мапс моите фотографии се видени преку 600.000 пати“, се пофали Моранди, чија иднина на островот е неизвесна и зависи од владата.