Хрватската поп-ѕвезда Северина својата последна песна „Така е, сине мој“ им ја посвети на српските студенти кои протестираат и ги блокираат Универзитетите барајќи одговорност за смртта на 15 лица во Нови Сад откако на 1 ноември годинава падна настрешница на реновираната Железничка станица.
Текстот, како што рече, самата го напишала во моментот кога Врховниот суд на Хрватска повторно ѝ го одзема старателството над синот, но поттикната од масовното незадоволство на студентите низ белградските улици и низ другите српски градови, како и апсењата на студентите, таа оваа песна им ја посвети ним.
„Тоа е песна за сите, лекција која мајка му ја кажува на своето дете. Почнав да го пишувам на почетокот на годината, за да ја се оттргнам од тагата и гневот што ме обзеде по одлуката на Врховниот суд, во која велат дека детето треба да ми биде одземено поради „процедурална грешка“. Тогаш песната ми изгледаше тажна, а мене ни ми беше до ништо, па ја оставив настрана. Но, сега ја завршив поттикната од сето ова што се случува. Ова е за сите мајки кои се борат за своите деца, за сите татковци кои не знаат како да им објаснат на своите девојчиња дали некој ги малтретира на училиште. Ова е песна за нашите пензионери кои едвај врзуваат крај со крај, за нашите наставници кои штрајкуваат, лекарите, медицинските сестри кои имаат тешки услови за работа и ниски плати. Ова е и за ветераните, ова е песна за храбрите студенти во Србија кои се побунија против диктаторскиот режим, а беа поддржани од хрватските студенти“, изјави Северина во емисијата „Суперстар“ пред премиерата на песната.
Студентите низ Србија ги блокираат Универзитетите и поставуваат блокади на улиците барајќи правда и одговорност за несреќата во која загинаа 15 луѓе, сомневајќи се на корупција, непотизам и нестручност при реновирањето на Железничката станица. Тие бараат одговорност и од претседателот на државата Александар Вучиќ. На протестите кои од ден на ден стануваат помасовни поддршка им дадоа и многу јавни личности од Србија.
Вучиќ на 12 декември додека траеја протестите пред претседателската палата во Белград кажа дека ќе бидат објавени сите документи поврзани со реновирањето на станицата и вети деа сите кои биле уапсени на протестите се ослободени и дека ќе ги помилува сите оние кои би можеле да бидат осудени на идни судења. Но, протестите продолжија.
Во август годинава српската полиција ја запре Северина на граница кога се обидела да влезе во Србија и ја однела во зградата на полицијата каде ја испрашала за ископ на литиумот во Србија, за геноцидот во Сребреница и за нејзините претходни изјави на овие теми. По разговорот со полицијата, на Северина ѝ беше дозволен влез во Србија, но таа реши да се врати во Хрватска, каде рече дека повеќе нема да доаѓа во Србија додека е Александар Вучиќ на власт. Северина беше поддржана од многу јавни личности во Србија во тоа време.
Северина со години е во центарот на медиумското внимание поради борбата за старателството над синот Александар. Овој правен спор започна по нејзината разделба со српскиот бизнисмен Милан Поповиќ, со кој во 2012 година доби син. По долга судска битка, на Северина во 2019 година привремено ѝ беше одземено старателството, што предизвика многу негодувања и критики во јавноста кон судскиот систем.
По одлуката на Врховниот суд во 2022 година, во која процедурална грешка доведе до дополнителни компликации околу старателството, Северина јавно проговори за неправдата.
Фото: Ѓ. Личовски