Театар Комедија на 20 декември премиерно ќе ја изведе претставата „Арсеник и стара тантела“, во режија на Лидија Дедовиќ. Автор на драмата е Џозеф Кеселринг, а преводот го направи Горан Додевски.
„Навидум се е нормално и општествено прифатливо во животот на сестрите Аби и Марта Брустер, кои живеат со нивниот возрасен внук Теди. Тие се и религиозни и му се радуваат на новиот свештеник во заедницата, особено затоа што неговата ќерка има романтичен однос со другиот внук Мортимер. Но, оваа идилична слика има мрачна опачина. Сестрите Брустер имаат бизарно хоби – труење осамени луѓе, а добро чуваната тајна во семејството на лудаци се открива со појавата на третиот внук, Џонатан“, стои во најавата на претставата.
Играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Столе Мицов, Григор Јовановски, Тони Денковски, Жаклина Петровска, Илија Илиоски и Виктор Арсов. Сценограф е Сергеј Светозарев, костимите се на Ивана Каранфиловска, а композитор е Џијан Емин во соработка со Оливер Јосифовски.
„Арсеник и стара тантела“ ја имала првата изведба на Бродвеј во 1941 и три години подоцна добила филмска адаптација со Кери Грант во главната улога.