Публиката во Малата сала на Филхармонијата сношти (16 декември) на нозе ги испрати Битолскиот камерен оркестар и пејачките Наде Талевска, Јасна Димитровска и Елена Васова на концертот „Скопје го среќава Холивуд“. На традиционалниот предновогодишен концерт, кој го организира Македонско-американската алумни асоцијација, се свиреа најубавите песни од холивудските хитови и неколку од македонски филмови.
„Замислете си песна од филм кој најмногу го сакате и таа ќе ве однесе во приказната. Преку филмот и музиката сите се разбираме, а оваа вечер се организира за да се зацврстат поврзаноста и пријателството помеѓу Македонија и Америка“, рече американската амбасадорка Анџела П. Агелер пред почетокот на концертот.
Наде Талевска е секогаш вистински избор за ваков тип на концерти. Со раскошниот вокал за оперско и поп пеење, таа беше еднакво маестрална во темите од „Фантомот од операта“, „Флешденс“ и „Петтиот елемент“. Гледајќи снимки од Брус Вилис и Мила Јововиќ на видеобим и слушајќи ја Талевска како ја пее песната која сопранот Инва Мула ја испеа за филмскиот хит од 1997, публиката стана на нозе и со овации ја испрати македонската пејачка, сопран во Националната опера и балет.
Одличен вокал е и шармантната Јасна Димитровска, која динамично го заврши концертот со рок хитот на „Еј-Си/Ди-Си“, „Автопат до пеколот“ (Highway to Hell) од истоимениот филм. Таа ја испеа и „Џипси меџик“ од истоимениот филм на Столе Попов.
Елена Димова беше најдобра во класикот „Њујорк, Њујорк“, ја испеа и насловната тема од филмот „Телохранител“ од Витни Хјустон, како и еден од најубавите македонски евергрини, „Еден бакнеж“ од Нина Спирова, кој е користен во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски.
Битолскиот камерен оркестар, со кој диригира Владимир Димовски, е еден од најактивните камерни состави кај нас, со чести и успешни концерти низ Македонија со популарна македонска и светска музика. Ова беше еден од тие нивни концерти за уживање.
М. ЏАРОВСКА