БИТОЛСКИ ТЕАТАР ПО 28 ГОДИНИ ПОСТАВИ ДЕТСКА ПРЕТСТАВА, „СНЕЖАНА И СЕДУМТЕ ЏУЏИЊА“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

На 23 декември од 18 часот, во Народниот театар во Битола премиерно ќе се изведе детската претстава „Снежана и седумте џуџиња“, по текст на Љубивое Ршумовиќ, во режија на Драгана Милошевски-Попова. Според директорот Васко Мавровски, последен пат детска претстава на Големата сцена имало во 1996 година.

„Тоа беше класична детска претстава на Љупчо Ѓоргиевски. Не сакам никого да потценам, не зборуваме за оние новогодишни блиц претстави што сме ги имале во театарот две-три. Значи, 28 години е вакумот“, рече Мавровски.

Ваквата репертоарска политика, според него, се одразила врз посетеноста на театарот од страна на младата публика. За да ја привлече што повеќе, на репертоарот ги враќаат и комедиите „Сомнително лице“ и „Кокошка“, а вгодина со сопствени средства ќе ги постават „Чорбаџи Теодос“ како дипломска претстава на Дамјан Димовски и „Чичко Горио’’, во режија на Софија Ристевска.

„Ќе ни требаат минимум 5-6 години за да можеме да вратиме дел од таа публика која доаѓала, ако не заминала во Германија. Треба да се изработи функционална анализа за следните 20 години како ние ќе се движиме, дали некој од нас ќе се пензионира, дали имаме потреба од нови актери. Меѓу вработувањето на Петар Горко и следните вработувања имаме вакум од 20 години, па во моментов немаме возрасна актерка за да игра мајка и возрасен актер за да игра татко, тоа за еден театар е погубно“, рече Мавровски.

Улогата на Снежана во претставата ја игра младата Ана Грамосли, а играат уште десетина актери. Драматург е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, за сценските движења ќе се погрижи Игор Киров, за костимите Андреј Ѓоргиевски, а за музиката Марјан Неќак.

Битолскиот театар подготви уште една детска претстава, „Снежната кралица“ според бајката на Андерсен, во режија на Јулијана Мирчевска, која од 25 декември ќе има осум изведби, а е во рамките на манифестацијата „Зимската приказна“ на Општина Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА