Мина, ќерката на актерката Весна Петрушевска која живее и работи во Дубаи, со цвеќе ја изненади мајка си на премиерата на претставата „Бог на колежот“, сношти (24 декември) во Македонскиот народен театар (МНТ).
Претставата, по текстот на француската драмска писателка Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска, симболично почнува со сцена од врсничко насилство во која играат деца од актерската школа на Весна Петрушевска.
Во медиумите и на социјалнирте мрежи, Петрушевска неколку години зборува за овој проблем, споменувајќи ја и ќерка си Мина како жртва на врсничко насилство.
Двете брачни двојки кои се среќаваат за да го решат конфликтот помеѓу нивните деца ги играат Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски и Наталија Теодосиева.
Тепачката помеѓу децата станува споредна откако на површина ќе излезат нивните брачни проблеми. Актерите добија неколку аплаузи за време на репликите и монолозите во претставата, а публиката на нозе ја испрати целата екипа со долг аплауз.
Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, сценограф е Татјана Христоска, костимограф е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери. Завршува со песната „Пепел и мрак” која ја пее и ја напиша Игор Џамбазов.
„Оваа копродукциска претстава нуди можност да се погледнеме кои сме макар на 90 минути, за време на што публиката е учесник во арената“, рекоа од МНТ.
Првата реприза е закажана за вечерва, (25 декември).
М. ЏАРОВСКА