“Македонскиот вокален мелос во современиот контекст- Оживување на една заборавена музика” е првата книга на Вера Милошевска- Јосифовска, пејачката во групата „Љубојна“ и професор во ДМБУ „Илија Николовски-Луј“. Оваа книга е магистерскиот труд на Милошевска- Јосифовска, а промоцијата ќе се одржи на утревечер (28 декември) од 19.30 во „Филхармонија кафе бар“ во Скопје.
„Книгата е моето пишано првенче, кое е дел од мојот опсежен магистерски труд. Книгата е повеќеслојна и е плод на долгогодишно истражување во областа на музиката, пред сè на македонскиот вокален мелос, односно македонската пејачка традиција, што е и моја специјалност, и зборува за нејзината суштина, значење и применливост во различни контексти на денешницата. Интересна е всушност мојата апликативна улога во целото, бидејќи јас сум и етнолог, антрополог и музиколог, но и пејач кој своите истражувања преку сцената, ги втиснува длабоко во срцата на публиката“, ни рече пејачката и професор.
Книгата, како што вели таа изобилува со интересни гледишта во однос на нејзината поврзаност со културните појави некогаш и денес, и при тоа дава коментар на тоа, дека музиката е неприкосновен идентитетски маркер. Дел од книгата е посветен и на улогата на групата „Љубојна” во како што вели авторката „оживувањето на оваа, своевремено маргинализирана музика, како што е опишано и во насловот, ѝ дава нова енергија на современата сцена, на тој начин што стана движечко јадро кое низ годиниве ги анимира сите околу себе“ .
„Книгата е неразделен дел од мене, таа е сè што сум јас. Во неа има многу научни анализи, но и многу љубов и искуство. Секој пишан збор е мое персонално откровение, а се надевам и јавноста ќе ја доживее така“, вели авторката.