Андријана Јаневска вели дека имала интересна семејна авантура на зимскиот одмор во Финска, со синовите Димитар и Кристијан и сопругот, музичарот Драган Гиновски-Гино.
Поп-пејачката и виолинистка неодамна се врати од ски-центарот Леви во северна Лапонија, 170 километри северно од Арктичкиот круг.
„Температурите во овој период се многу ниски, -20 до -30 пред да дојдеме, но за среќа, додека бевме ние најниската температура беше -12. Се изнадишавме чист воздух и се изнагледавме белини на сите страни. Децата беа највозбудени за средбата со Дедо Мраз, но и за риболовот во замрзнатото езеро. Научивме како да ископаме дупка во мразот и како да уловиме риба со нивните специфични мали трски. Бевме и на авантура со моторна санка која јас ја возев, а децата навистина уживаа во пејсажите на прекрасната природа. Инаку, сонцето изгреваше околу 10 часот, а заоѓаше околу 14 часот“, вели Јаневска за новото искуство.
Сите туристи кои ловат риба во замрзнатото езеро добиваат ранец со столче, трска, термос со топол компот и стап за печење на рибата.
„За жал, ние не успеавме да уловиме риба. Треба постојано да шеташ по езерото и да копаш нови дупки. Но, искуството беше супер“, вели Јаневска.
Позната како голем вљубеник во авантуристичките спортови, таа со семејството пробала и нордиско скијање.
„За наша среќа, последната вечер времето беше прекрасно, па шетајќи по едно од замрзнатите езера, природата нè почести со прекрасната аурора на небото“, вели Јаневска и додава дека по целодневните активности, се релаксирале во финска сауна.
„Луѓето беа многу љубезни, улиците исчистени, тротоарите проодни. Нè прашуваа на кој јазик зборуваме, а јас се пофалив дека во Македонија има 300 сончеви дена годишно. Ми кажаа дека тоа им недостасува. Зимно време тие речиси и да немаат сонце, а во декември живеат во мрак. Сонцето не се ни гледа, има само рефлексија“, ни рече Андријана Јаневска.
Во 2022, по неколку години пауза, на Факултетот за музичка уметност во Скопје повторно се формираше Катедрата за популарни жанрови. На овој отсек предава и Андријана Јаневска и тоа вовед во популарна музика, солфеж и соло пеење. Јаневска работи како виолинист во оркестарот на Операта и има свое музичко училиште Нејзините ученици досега имаат освоено 64 награди на меѓународни натпревари.
Во мај во 2024, во Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) таа беше промовирана во докторка на науки. Јаневска пред десет години почнала да собира народни песни одејќи во повеќе села во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, кога била во шестиот месец од бременоста со помалиот син. Сега се 109 на број, а Јаневска вели дека сите со мерак може да ги испее.
М. ЏАРОВСКА