СО АКИ СМЕ РАЗЛИЧНИ ГЕНЕРАЦИИ, НО ДЕЛЕВМЕ ИСТА БЛУЗ ЕМОЦИЈА – МУЗИЧАРОТ ИГОР АТАНАСОВСКИ-ХАРЕ СЕ СЕЌАВА НА РАХИМОВСКИ ТРИ ГОДИНИ ПО НЕГОВАТА СМРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарот Игор Атанасовски-Харе се присети на неговите пријателство и соработка со македонскиот музичар Аки Рахимовски, фронтменот на хрватскиот бенд „Парни ваљак“, кој ненадејно почина пред три години, на 22 јануари 2022, во Словенија на 66 години.

Харе и Рахимовски во 2019 ја снимија песната „Мајко“ во Скопје, за која гитаристот кажа дека Аки ја испеал на убав македонски јазик.

„Иако сме генерациски различни, сепак, делевме иста блуз емоција. Имав чест да соработуваме и таа соработка ќе ми остане во сеќавање. Аки беше голем професионалец и многу приземен и скромен човек, со глас кој може да допре до секого. Мислам дека песната ‘Мајко’ му ја понудив во вистински момент и, ете, ќе остане да живее и после нас. Секогаш ќе се сеќавам на спонтаноста и леснотијата со која ја испеа“, ни рече Атанасовски.

Харе, кој е автор на музиката и текстот, вели дека Аки Рахимовски веднаш штом ја слушнал ја бендисал песната, која е снимена во Скопје, во студиото „Тавитјан брадрс“. Диран Тавитјан е аранжер и продуцент на песната.

„Аки го имаше сочувано правилниот и убав македонски јазик и ја испеа песната токму на тој начин“, се сеќава македонскиот гитарист.

Спотот е во режија на Огнен Шапковски, а го снимаше „Мелем продукција“.

Рахимовски е роден во Ниш во 1955, но пораснал во Скопје, каде што неговото семејство се преселило кога бил мал. Тука почнал да го стекнува своето музичко образование, учејќи клавир и пеење.

По доаѓањето во Загреб бил член на неколку групи, пред да го запознае гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ, со кого во 1975 ја основал групата „Парни ваљак“, која низ годините ќе стане една од најпопуларните во поранешна Југославија, а Рахимовски еден од најдобрите фронтмени. Рахимовски сними 17 студиски албуми со „Парни ваљак“. Неколку дена откако почина, Скопје се простуваше од својот сограѓанин. Во организација на радио „Бубамара“, скопјани му оддаваа почит на Рахимовски на плоштадот Македонија, каде што се запишуваа во книгата на жалост, слушајќи ги песните од Рахимовски.

М. ЏАРОВСКА