НЕ ГЛЕДАМ ВЕСТИ, УЖИВАМ ВО КНИГИТЕ, ВЕЛИ БИЛЈАНА СТОЈАНОВСКА, ЧИТАТЕЛКА СО НАЈМНОГУ ПРОЧИТАНИ КНИГИ ВО ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес им врачи признанија на најредовните читатели, наградувајќи ги оние со најголем број изнајмени книги. Читател со најмногу прочитани книги од одделот за возрасни е Билјана Стојановска.

„Одамна сум членка на библиотеката. Читам трилери, историски книги, секој момент го користам. Не гледам телевизија, серии и вести, туку го минувам времето во читање. Не само што изнајмувам од библиотека, туку си купувам и позајмувам од пријатели“, вели Стојановска.

Директорката на библиотеката Снежана Бошевска рече дека со овој настан се заокружува уште една успешна година во работењето на институцијата. Минатата година библиотеката набави 2.430 нови наслови.

Најчитател во категоријата основно образование е Ана Митровска, за средно образование е Василка Карталова, за студент Андријана Јакимова и во категоријата пензионери е Светлана Есенчева.

Најмлад читател за 2024 е Чедомир Костадиновски, а највозрасен Марија Питиќова. Признанија добија и членовите од организациската единица во Градско, каде што најчитател од одделот за деца е Глорија Сандев, а од одделот за возрасни Жаклина Маркова.

Оваа година библиотеката и додели благодарница на Цветанка Ѓакова-Панова за нејзината донација на книги.

П. ПЕЧКОВ