Филмските студија „Јуниверзал“ и „Дримворкс“ објавија трејлер за анимираниот филм „Шрек 5“, кој доаѓа 15 години по четвртиот дел. Покрај Шрек, Фиона и Донки, во краткиот тизер се појавува и Фелиша, ќерката на Фиона и Шрек.
Мајк Мајерс повторно го позајмува гласот на Шрек, Еди Марфи е Донки, а Камерон Дијаз е Фиона, додека гласот на Фелиша е ѕвездата на „Спајдермен“, Зендаја. Анимираниот филм ќе се појави во кината при крајот на 2026.
Зендаја е една од најбараните филмски ѕвезди денес. Нејзиното присуство во „Шрек 5“ ѝ дава дополнителна енергичност на 25-годишната франшиза и може да помогне да ѝ донесе нова публика. Зендаја на социјалните мрежи напиша дека често го гледа „Шрек“ и сега како возрасна.
За само еден час краткиот тизер беше прегледан повеќе од 400.000 пати, но некои гледачи во коментарите се пожалија на различната анимација од претходните филмови.