ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Е ВО ФОКУСОТ НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА ДОКУМЕНТАРЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со филмот „За еден херој“ на Пјотр Виниевич, адаптација на сценарио напишано од вештачка интелигенција (ВИ) обучена со делата на Вернер Херцог, вечерва почнува 27. Фестивал на документарци во Солун. Во текот на десет фестивалски дена ќе играат 261 документарец, од кои 72 со светска премиера, 40 со меѓународна и 11 со европска премиера.

„Фестивалот годинава се одржува во критичен момент за нашето пошироко соседство, Европа, но и за целиот свет. Основните принципи на нашата култура – демократијата, слободата, толеранцијата – за жал од неодамна се оспорени, додека крикот на омраза се множи на најопасен начин… Некои рекоа дека живееме во научно-фантастичен филм, но јас не се согласувам. Тоа не е научно-фантастичен филм, тоа е историски документарец за 1930-тите, прикажан наназад, а овој пат ние сме протагонистите, поточно жртвите. Тоа е едукативен документарец кој ништо не не’ научи. Тоа е ужасно сведоштво за ужасот на фашизмот и тоталитаризмот што се чини дека сме го заборавиле. Тоа е филмски запис за ужасна историска реалност која некои се обидуваат да ја повторат на најлош можен начин. Пред оваа нова страшна реалност, културата не може да биде неутрална. Не може да молчи кога авторитаризмот добива на терен, кога јавниот дискурс е затруен со нетолеранција, кога минатото се ревидира на опасен начин“, рекоа директорот Орестис Андреакис и раководството на фестивалот претставувајќи го годинешното издание.

Фестивалот има четири селекции за награди, во главната Меѓународна конкуренција за Златен и Сребрен Александар се 10 филма од кои три грчки, a статуетките носат и од 12.000 евра односно 5.000 евра. Во селекцијата Новајлии, со дебитантски и втори филмови на авторите се 10 филмови од кои три грчки, а наградата „Златен Александар-Димитри Еипидис“ носи и 10.000 евра и 400 евра за Сребрен Александар. Во Напреден филм, 10 неконвенционални документарци, од кои три грчки, конкурираат за Златен Александар и 6.000 евра и Сребрен Александар и 3.000 евра. Во селекцијата „Тридимензионално: Се околу филмовите“, ќе има 8 филмови во виртуелна реалност за Златен Александар и 2.000 евра. Оваа селекција е проследена со повеќеслојната уметничка инсталација „ВИ и јас“ на романското мултимедијално уметничко дуо „Мотс“, која ја истражува интеракцијата вештачката интелигенција и човекот.

Вештачката интелигенција е тема и на специјалниот фокус „ВИ, неизбежна интелигенција“, со избор на истражувачки документарни филмови и визуелната инсталација „Лорен: Има ли некој дома?“ на американската уметница Лорен Ли Мекарти, која ќе одржи и мастерклас на темата.

Почесен Златен Александар ќе добие реномираниот франуски документарист Николас Филибер, кој ќе одржи и мастерклас, а ќе бидат прикажани четири филма од авторот кој има Златна мечка, Цезар и награда од Европската филмска академија. Фестивалот со ретроспектива ќе ја чествува и прочуената американска режисерка и фотографка Лорен Гринфилд, која е членка на жирито, а ќе одржи и мастерклас.

Солунскиот фестивал затвора на 16 март, со „Марли Матлин: Не веќе сама“ на Шошана Стерн, за актерката Марли Матлин, првата глува добитничка на Оскар.

М. КОСТОВА

(Фото: ТИДФ)