ФИФА ЌЕ ВОВЕДЕ МУЗИЧКО ШОУ НА ПОЛУВРЕМЕТО НА СП 2026, ИЗВЕДУВАЧИТЕ ЌЕ ГИ ИЗБЕРЕ „КОЛДПЛЕЈ“

Њујорк, (АП)

Финалето на Светското фудбалско првенство во 2026 ќе има музичко шоу на полувремето во стилот на Супербоулот, а изведувачите ќе бидат избрани од англиската група „Колдплеј“ (фото). Претседателот на ФИФА Џани Инфантино вети дека првиот настап од ваков вид ќе биде шоу соодветно на најголемиот спортски настан на светот.

Останува да се види како ФИФА ќе ги реши логистичките прашања, имајќи предвид дека полувреме во фудбалот трае само 15 минути. Кендрик Ламар имаше настап од 13 минути на полувремето на последниот Супербоул, не сметајќи ги поставувањето и тргањето на бината од теренот.

Инфантино потврди дека куратори на шоуто ќе бидат членовите на „Колдплеј“, кои ќе работат заедно со ФИФА на изборот на изведувачите.

СП 2026 ќе се игра во САД, Канада и Мексико, а домаќин на финалето ќе биде Њујорк.

(Фото: Гети)