МЕГАН МАРКЛ ДВАПАТИ ЌЕ ПРАВИ СВАДБА ОВАА ПРОЛЕТ

Њујорк, (АП)

Меган Маркл оваа пролет ќе ѝ каже збогум на актерската кариера за да стане сопруга на принцот Хари, но пред венчавката во реалниот живот, таа ќе има уште една свадба, онаа телевизиска.

Маркл ќе ја напушти „Одела“, серијата што ја прослави, на 25 април, кога ќе се емитува последната епизода од седмата сезона, во којашто нејзиниот лик Рејчел Зејн ќе се венча со своето момче Мајк Рос, кој го игра Патрик Адамс. Тие беа двојка со години и зад себе имаат еден пропаднат обид да се земат.

Двајцата актери потоа ја напуштаат серијата и оваа сцена ќе биде своевидна проба за Маркл за она што ја чека на 19 мај во замокот Виндзор.

„Мислам дека моравме да го направиме тоа. Тоа е нешто што го должиме. Многу сум среќен за Меган и како овие работи се совпаднаа. Така се случи“, вели сценаристот на „Одела“, Арон Корш.

Тој на време сфатил дека романсата на Маркл во реалниот живот ќе предизвика промени во сценариото.

„Кога ја почнавме серијата, не можевме да предвидиме дека една наша актерка ќе се омажи за принц. Вакви ситуации те принудуваат да бидеш креативен и да поканиш нови ликови“, додаде Корш.