Српските медиуми го фалат концертот на Калиопи во Белград, кој се одржа на 8 март во салата „МТС“. Ова не е нејзиниот прв концерт во Белград, но таа вели дека бил посебен затоа што бендот бил засилен со гудачки квартет и брас секција. Калиопи меѓу сите нејзини стари и нови хитови ја отпеа и „Македонско девојче“, кога се симна од сцената и запеа меѓу публиката.
„Имавме фантастичен концерт во Белград, прекрасна публика и, она што е најважно, на белграѓани им донесовме еден сосема поинаков концерт од досега, што посебно ја изненади и израдува публиката. Мојот бенд, збогатен со гудачки квартет и брас секција, е приказна за себе. Едноставно, сите дишевме на ист начин и уживавме додека музициравме на сцена. Посебно е тоа чувство и секако препознаено и наградено со бурни аплаузи и овации од публиката. Пресреќна сум! Сега нѐ очекува Ниш, а потоа патуваме за Загреб. Пред Ниш ќе му бидам гостинка на мојот драг пријател Жељко Самарџиќ во „Арената“ во Загреб. Секако, многу поводи и причини за радост“, ни рече Калиопи.

Калиопи ќе одржи концерт во Ниш на 15 март, а во Загреб на 5 април.
На манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која се одржа на 19 февруари во Скопје, Калиопи доби три награди: за пејачка на годината, албум на годината и поп концерт на годината. Кога ги примаше наградите најави концерт во салата „Борис Трајковски“ во октомври 2026 со продукцијата „Прагма“. Калиопи ја наполни оваа сала на 19 октомври лани и рече дека со радост пак ќе пее следната година.
М. ЏАРОВСКА
Фото: МТС сала