Холивудскиот актер Волтон Гогинс бил каснат од змија за време на снимањето на третата епизода од третата сезона на популарната серија „Белиот лотус“, во продукција на „Ејч-Би-О“.
Гогинс го глуми ликот на Рик Хачет, кој во третата епизода под дејство на марихуана ослободува змии од стаклени кутии, а една змија ќе ја касне неговата девојка Челзи (Ејми Лу Вуд). Гостувајќи во шоуто на Џими Кимел, Гогинс, кој е најпознат по филмот „Омразената осумка“ на Квентин Тарантино, кажа дека се плаши од змии.
„Не дека имам фобија, туку некое непријатно чувство. Подготвувајќи се за сцената, ми кажуваа која змија е отровна, која да не ја пипкам, која можам да ја фатам. Кога првпат ја зедов змијата, таа не сакаше да дојде, ми скокна и ме гризна. Посакувам да бев кул, но само извикав: ‘О боже, ме касна змија’“, кажа тој во емисијата.
По каснувањето му дале крема за раната и продолжиле да снимаат уште девет часа. Утредента му се јавил продуцентот и му рекол дека можеби е подобро да отиде во болница.
„Јас реков: ‘За што? Нели ми рековте дека змијата не е отровна? Дали умирам полека?‘ Како и да е, отидов во болница и ми ставија инјекција“, рече глумецот.
(Фото: Ејч-Би-О)