ЧЛЕНОВИ НА БЕНДОТ „ДНК“ МЕЃУ НАЈМАЛКУ 59 ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА ВО КОЧАНИ, ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ СЕДУМ ДЕНА ЖАЛОСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Членови на еден од најпопуларните македонски бендови „ДНК“ се меѓу најмалку 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што избувна изминатата ноќ за време на нивни концерт. Ова е најсмртоносниот пожар во историјата на Македонија и Владата прогласи седум дена национална жалост.

  • Според последните официјални информации, во пожарот во Кочани загинаа 59 луѓе, а 155 се повредени.
  • Најголем дел од загинатите се млади, на возраст од 14 до 25 години.
  • Во пожарот загинаа и пејачот на „ДНК“, Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, пратечкиот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, инаку директор на Центарот за култура во Штип и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.
Во пожарот загинаа и пејачот на „ДНК“, Андреј Ѓорѓиески (Фото: Фејсбук)
  • Најтешко повредените се превезуваат на лекување во Србија, Бугарија, Турција, Грција и Хрватска.
  • Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека во домашните болници се лекуваат 115 повредени и сите се надвор од животна опасност.
  • Пожарот почнал околу 2:30 часот откако биле активирани прскалки на бината, при што се запалил стиропорот на таванот и паднал покривот. Во клубот во тој момент имало околу 500 луѓе.
  • Директорката на болницата во Кочани, Кристина Серафимовска, кажа дека починатите имале повреди од стампедото кое настанало откако присутните во паника поитале кон единствениот излез од дискотеката.
  • Дискотеката „Пулс“ една година немала лиценца и работела со фалсификувана лиценца и поради мито и корупција, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Веќе се приведени неколку лица.

Фото: Ѓ. Личовски