ОДЛОЖЕНИТЕ КОНЦЕРТИ НА ЗДРАВКО ЧОЛИЌ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ НА 2, 3 И 4 ЈУНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Здравко Чолиќ ќе одржи концерти на 2, 3 и 4 јуни во салата „Борис Трајковски“ во Скопје откако беа одложени настаните од 18, 19 и 21 март поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Третиот концерт првично требаше да биде во салата „Јане Сандански“, но во новиот термин има промена на локацијата, па и тој ќе се одржи во „Борис Трајковски“. Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс. “Во знак на поддршка и помош на семејствата на настраданите и повредените, дел од средствата од овие концерти ќе бидат донирани за нив”, велат организаторите.

Една од најголемите музички ѕвезди во поранешна Југославија ќе пее во Скопје по шест години пауза, овојпат со симфониски оркестар, составен од 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Новите аранжмани на неговите хитови прилагодени за оркестар ги подготви диригентот Федор Вртачник.

Чолиќ вели дека пријателите долго го убедувале да ги преработи песните во симфониски аранжмани и по неколкуте настапи во регионот, сфатил дека е во право што ги послушал.

(Фото: Фејсбук)